Ракомет
22. October 2016 - 13:56

ЛШ: Вардар гостува во Загреб

Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва го игра натпреварот од 5.коло од групата од Лигата на шампионите на гости кај првакот на Хрватска ППД Загреб. „Црвено-црните“ имаат четири победи на досегашните натпревари, додека за разлика од нив Загреб е без бод и притоа го сменија тренерот Веселин Вујовиќ по серијата слаби резултати.
Во редовите на Вардар истакнуваат дека се подготвени за успех и да не им се повтори ланската сезона кога по четирите победи загубија во 5.коло на гостувањето во Колдинг. Македонскиот првак без никакви проблеми во составот отпатува на гостувањето во Хрватска. 
Почетокот на натпреварот е во 20 часот и се игра во „Загребска Арена“. Покрај овој дуел од Б групата денеска играат уште: Кристијанштад и Цеље, додека утре играат: ПИК Сегед – Мешков Брест и Киелце – Рајн Некар Ловен.
Вториот македонски тим во ЛШ, Металург утре гостува кај Монпеље во рамките на Ц групата, а од оваа група играат уште: Елверум – Ла Риоха и Татран Прешов – Чеховски Медведи.
Барселона во чии редови играат македонските репрезентативци Кирил Лазаров и Борко Ристовски вечерва игра на домашен терен против ланскиот финалист Веспрем, додека Кил е домаќин на Кадетен Шафхаузен. Утре Силкеборг го пречекува ПСЖ. Во средата Флензбург ја победи Висла со 22:20.
Во групата Д денеска се играат сите три дуели: Бешикташ – Холстебро, Динамо Букурешт – Нант и Мотор – Брага.