Фудбал
12. July 2017 - 10:52

ЛШ: Вардар гостува во Малме

Македонскиот првак Вардар ќе му гостува на Малме во Шведска во натпревар од второто квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Вардраци вчеравечер тренираа на терен на „Сведбанк“ стадионот и во добро расположение го очекуваат натпреварот. Од оние кои допатуваа во Малме, повредени играчи нема, што значи сите конкурираат за настап.

Шефот на стручниот штаб на „црвено-црните“ Гоце Седлоски на прес-конференција рече дека Вардар е дојден во Шведска по добар резултат.

- Дојдовме тука да направиме добар резултат. Знаеме дека играме против екипа која е добра која секоја година игра во групната фаза од Лигата на шампионите и Лигата на Европа. Моите момци се подготвени да го дадат максимумот, да излезат утре, и се надевам со една наша игра на овој прв меч кој следува, ќе оствариме добар резултат. Последните две години бевме блиску да го минеме тоа второ квалификациско коло, но не успеавме. Еве шанса во третата година по ред во оваа фаза, конечно, да се пласираме понатаму, изјави тренерот на македонскиот шампион.

Почетокот на натпреварот е закажан за 19 часот.

Покрај дуелот Малме – Вардар денеска ќе се одиграат уште 11 натпревари од 2.коло во квалификациите за ЛШ. Реваншите се следната седмица.