Ракомет
29. April 2018 - 19:06

ЛШ: Со Кил нема шега, ама ниту со Вардар, црвено-црните патуваат во Келн

Европскиот првак Вардар на крајот на мај повторно ќе биде во Келн, Германија каде ќе го брани трофејот освоен лани. На реваншт четврт-финалниот меч против Кил во Скопје гостите во последната минута постигнаа два гола и победија со 28-27 (13-13). Но, бидејќи на првиот меч во Германија победи Вардар со 29-28 поради повеќе голови постигнати во гости на Ф4 турнирот ќе патуваат „црвено-црните".

Во самата завршница од натпреварот дозволивме мал пад на концентрацијата, и од водство 27-25 дојдовме во ситуација во последната минута да имаме прво реми, 27-27, а потоа и да примиме гол. Но, кога веќе беше јасно дека нема време за ништо друго освен за славење на Вардар и навивачите во СЦ „Јане Сандански" гостите го искористија нашето невнимание и опуштање.

Вардар според сите беше фаворит на средбата против Кил, но уште на почетокот Гермнците најавија дека ќе се борат до крај и дека нема да се предадат. И така тргна натпреварот со водство на гостите од 0-3. На Вардар му требаа шест минути да се снајде со грубата и агресивна игра на гостите, но и да почне да функционираат акциите што се подготвувале. А кога то апочна веќе беше полесно.

За три минути веќе имаше и пресврт и „црвено-црните" водеа со 5-4. Вардар ја играше својата игра, и тоа му донесе предност од три гола. Одбраните на двата тима беа тие што се обидуваа да променат нешто, а кога на Кил не му одеше сменија во 3-2-1 со Дувњак на центар. Тоа ни создаде мали проблеми и Кил почна полека да ја топи нашата предност.

За разлика од дуелот во Кил кога пикерите ја пробиваа противничката одбрана, овојпат играта беше префрлена на бековите и крилата. Сигурно дека ќе можевме да бидеме и поефикасни, но неколку топки што сите ги видоа во мрежата на Ландин и Волф, завршија во рацете на противничките голмани.
Арпад Штербик во овој дел од средбата имаше осум успешни интервенции, а Вуко Борозан упати четири неодбранливи проектили кон голот на гостите.

На секоја наша загубена топка или не реализиран напад возвраќаа со гол, и Кил израмни на 10-10. Но, Вардар бодрен од 6.000 громогласна публика брзо се снајде и повторно поведуваме со 13-11. По последните минути Иван Чупиќ двапати не реализираше пенал. Едниот заврши во стативата а другиот во последната секунда го одбрани Андреас Волф. Нерешениот резултат од 13-13 ветуваше неизвесно и интересно второ полувреме.

Само што почна вториот дел од натпреварот вардарци покажаа дека се подготвени за конечно да ги решат дилемите. Во 42 минута првпат имавме предност од „плус 4" за 21-17.
Вардар играше одлично, и тоа се одрази на резултатот. Да не беше опуштањето во последните минути ова ќе беше перфектен меч за нашите момци.
Но, секој меч се игра на гости и дома, а ние покажавме дека кога ќе се соберат се, ние сме сепак поквалитетн етим кој игра подеднакво добро на секој терен.

Сега ја очекуваме ждрепката за противникот во полуфиналето на Ф4 турнирот.