Фудбал
27. September 2016 - 13:00

ЛШ: Реал гостува во Дортмунд, Јувентус во Загреб

Второто коло во Лигата на шампионите ќе мине во знакот на трите дуели во кои ќе се сретнат тимови од Шпанија и Германија. Дербито в среда ќе го одиграат Атлетико Мадрид и Баерн Минхен, истиот ден Барселона ќе гостува во Менхенгладбах, а шпанско-германската пресметка ќе ја отворат Борусија Дортмунд и Реал.
 
Спектакл се подготвува во на „Вестфален“ во Дортмунд, каде Борусија, во вторник во Лигата на шампионите, ќе го пречека мадридски Реал. 
 
Реал гостува во Дортмунд по двете нерешени средби во Примера, со Виљареал 1-1 и Лас Палмас 2-2 и кога односите во тимот се нарушени по караницата помеѓу тренерот Зидан и најдобриот играч Кристијано Роналдо. Португалецот му замери на тренерот што на мечот со Лас Палмас го замени во 70-та минута.
 
„Зошто толку се пишува за нешто што е нормално во еден тим. Сите играчи имаат право да се лутат. За негово добро го извадив Кристијано од игра. Ме изненадува што за тоа повеќе се пишува отколку за овој натпревар во Лигата на шампионите. Јас не сум глупав, а тој е паметен. Тука сме поради заедничка цел, цел која е иста за целиот тим. Сите од триото BBC (Бејл-Бензема-Роналдо) знаат дека можат да бидат заменети во текот на еден натпревар. Веќе објаснив дека ќе има ротирања во тимот. Не сум глупав, не измислувам работи. Секогаш ќе го составам тимот од најдобрите, но имам и опција во текот на мечот да извршам три замени“, рекол Зидан.
 
Зидан на овој меч нема да може да смета на услугите на повредените Бразилци Каземиро и Марсело, а во тимот по повредата се враќа Фабио Коентрао, но тешко дека тој ќе доби шанса да се појави на теренот.
 
„Знаеме каде и против кого играме. Не размислувам за мечевите помеѓу двата тима во минатото и што се случувало во нив. Ова ќе биде различен натпревар. Ние ќе се обидеме да го наметнеме својот ритам“, дополнил Зидан.
 
Борусија се наоѓа во одлична форма, играчите на Томас Тухел на последните четири натпревари (еден во ЛШ и три во Бундеслигата) постигнаа 20, а примија само два гола. Борусија импресивно делува во нападот, особено по бочните позиции каде делуваат Дембеле, Мор или Пулишиќ, односно во врвот на нападот каде е Обамејанг и каде често се уфрла Геце.
 
ЛШ, 2.коло: вторник 27.септември
 
Група Е: ЦСКА Москва-Тотенхем, Монако-Баер Леверкузен
 
Група Ф: Борусија Дортмунд-Реал Мадрид, Спортинг Лисабон-Легија
 
Група Г: Копенхаген-Бриж, Лестер-Порто
 
Група Х: Динамо Загреб-Јувентус, Севилја-Олимпик Лион
 
ЛШ; 2.коло: среда, 28.септември:
 
Група А: Лудогорец-ПСЖ, Арсенал-Базел
 
Група Б: Бешикташ-Динамо Киев, Наполи-Бенфика
 
Група Ц: Селтик-Манчестер Сити, Борусија Менхенгладбах-Барселона
 
Група Д: Атлетико Мадрид-Баерн Минхен, Росотв-ПСВ Ајндховен.