Ракомет
4. March 2018 - 9:38

ЛШ: По ремито на РНЛ и Нант, Вардар сигурен четвртфиналист во ЛШ

Европскиот и македонски првак Вардар и без разлика на исходот од денешниот натпревар со Висла (почетокк 17 часот, сала СЦ Јане Сандански) го обезбеди првото место во групата А откако синоќа германскиот првак Рајн Некар Ловен и француски Нант одиграа нерешено 30:30. Во редовите на РНЛ македонскиот репрезентативец Филип Талески постигна три голови, додека кај Нант поради повреда и натаму не настапува капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
По нерешениот резултат Нант собра 20 бодови, колку што има и Вардар (со натпревар помалку), но нема веќе шанса да го мине европскиот шампион.
Од групата А денеска играат и Барселона - ПИК Сегед, како и Загреб - Кристијанстад.
Табела:
1 Вардар            20
2 Нант                20
3 Барселона      18
4 РНЛ                17
5 ПИК Сегед      13
6 Висла               6
7 Загреб              6
8 Кристијанстад   6
 
Во групата Б првото место го има обезбедено францускиот првак ПСЖ, додека по вчерашната победа над Цеље унгарски Веспрем е втор. Македонскиот репрезентативец во дресот на Веспрем Дејан Манасков дуелот го заврши со три голови.
Табела: 
1 ПСЖ                   22
2 Веспрем             18
3 Флензбург          16
4 Кил                    15
5 Киелце               15
6 Мешков Брест   10
7 Цеље                  7
8 Алборг                5
 
 
Попладнево се играат дуелите од последното коло по групи Алборг - Флензбург и ПСЖ - Кил.
 
Покрај овие дуели се играат и реванж бараж натпреварите: Скјерн - Мотор (30:32 прв натпревар) и Монпеље - Адемар (28:24).
 
Ракометарите на Вардар со освоеното прво место во групата слободни се во осминафиналето, а потоа ќе играат со победникот од осминафиналната пресметка меѓу ПИК Сегед (А5) и Кил, Киелце или Флензбург (Б4).