Ракомет
16. October 2016 - 21:49

ЛШ: Не беше лесно со Пик Сегед

Ракометарите на Вардар ја продолжија победичката серија и го задржаа максималниот ефек, по четири натпревари, во Лигата на шампионите, откако во неделата го совладаа Пик Сегед 30-27 (16-15). Победата над унгарскиот тим е 11-та во низа за „црвено-црните“ (четири во Лигата на шампионите и седум во СЕХА лигата).
 
Вардар и Пик Сегед одиграа исклучително квалитетен и динамичен натпревар, во кој победата му припадна на „црвено-црниот“ тим. Унгарците иако имаа приклучок во текот на целиот натпревар, водеа само на почетокот (0-1, 1-2), додека Вардар не успеа да создаде поголема предност од три гола.
 
Екипата на Раул Гонзалес, во првото полувреме ја одржуваше предноста од еден гол, колку што изнесуваше разликата по 30 минути игра, а во второто полувреме неколку пати имаа три гола предност, но Пик Сегед успеваше да се врати на гол негатива, а секој напад кога Унгарците тргнуваа по израмнвање го запираше одличниот голман Милиќ.
 
Милиќ на крајот имаше 10 одбрани, а стрелците кај победникот ги предводеше Дибиров со осум голови, додека гол повеќе на спротивната страна постигна Балог.
 
Вардар во наредното коло, на 22.октомври, ќе гостива во Загреб, екипа која сеуште нема победа во Лигата шампионите.