Фудбал
2. May 2019 - 10:23

ЛШ: Меси ја носи Барса во финале

Лионел Меси и го трасира патот на Барселона кон финалето во Лигата на шампионите. Аргентинецот постигна два гола во победата на Барселона над Ливерпул 3:0 (1:0), во првиот полу-финален меч.

Барселона ги реализираше своите шанси, Ливерпул не и поради тоа Каталонците стекнаа огромна предност пред реваншот.

Англискиот тим, во најголемиот дел од натпреварот го диктираше ритамот, создаваше шанси но ниту една не реализира, а играчите на Барселона сурово ги казнија сите промашувања на противникот.

Во екот на добрата игра на Ливерпул во првиот дел, Луис Суарез го совлада Алисон. Алба нафрли, а Уругваецот влезе меѓу Матип и Ван Дајк и го постигна 500 гол за Барселона во историјата на овој клуб во Лигата на шампионите.

Ливерпул во вториот дел изврши силен притисок кон голот на Тер Штеген, но Германецот успеа да ги одбрани ударите на Милнер, Салах и повторно Милнер.

Казната Ливерпул ги стигна во 75 минута, по кацијата на Меси, Суарез ја погоди гредата, на одбиената топка налета Аргентинецот и ја спроведе во мрежата. Седум минути подоцна магичен потег изведе Аргентинецот, од слободен удар постигна спектакуларен гол.

Меси со овие два гола стигна до бројката од 600 гола за Барселона во сите натпреварувања.

Веќе во наредниот напад Ракитиќ од гол линијата го одбрани ударот на Фирмоно, а потоа Салах од пет метри биеше во дирекот.

Во последниот напад на мечот Дембеле од изгледна позиција само му ја додаде топката на Алисон.

Реваншот на „Енфилд“ ќе се одигра во вторник.