Бизнис
9. September 2020 - 19:40

Лозарите и даваат уште една шанса на Владата

Лозарите нудат уште една шанса за решавање на проблемот со откупот на грозјето. До тогаш протестите се во мирување. Тие бараат откупната цена да биде најмалку 13 денари за килограм Смедеревка и 15 денари за сортата Вранец.

Лозарите бараат и да се определи минимална откупна цена за грозјето, бидејќи и покрај договорените 9, односно 11 денари за килограм, дел од винариите повторно понудија пониски цени. Премиерот вчера најави дека ќе се сретне и со претставници од винарниците за да се реши проблемот со откупната цена.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека СДСМ и Заев ги манипулираат лозарите.
„Милиони килограми ќе останат не откупени да скапуваат на нивите. И тоа е штета која никој нема да ја обештети. Мерката која Заев ја предлага е насочена кон винариите, а не кон лозарите”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ, пак, велат дека го надминале проблемот со откупот на грозјето.
„Државата, со 4 денари од килограм ќе интервенира во откупот на вранецот и смедеревката, а со 2 денари за високосортното грозје. Останува и можноста за супституција на транспортот со 20 отсто на транспортните трошоци за наливното вино, и 30 проценти супституција за флашираното вино”, пишува во соопштението од СДСМ.

За решавање на проблемот со откупот на грозјето, според премиерот, проектирани се дополнителни 5,5 милиони евра.