Бизнис
28. August 2018 - 18:19

Лозарите добија дополнително 1 денар по килограм за откуп на Смедеревка и Вранец

Лозарите ја добија посакуваната цена од 13 денари за Смедеревка и 15 за Вранец. Винарниците ќе платат по 12, односно 14 денари, а еден денар лозаропроизводителите ќе добијат од Владата. Одлуката за субвенцијата ќе биде донесена на следната владина седница.

-Овие дополнителни субвенции се од голема важност за нашиот регион каде што речиси целото население поседува обработливи почви со винова лоза, истакна претседателот на Здружението „Напредни лозари“, Трајче Кулев.

-На наредната седница на Владата ќе се донесе одлука за нови субвенции за лозаропроизводлите. Се надевам дека оваа одлука ќе биде донесена и ќе значи многу за нашиот регион, рече градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.

Со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје ќе добијат 48.000 денари по хектар за одржување на насадите.

Обезбедени се и дополнителни средства за Здружението на лозари за да можат да се прават дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, со цел да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од страна на винарниците.

Овие одлуки доаѓаат откако лозарите се заканија со протести и блокади на патиштата.