Бизнис
6. August 2019 - 16:44

Лозарите бараат повисоки цени за грозјето

Грозјето е мизерно евтина суровина за производство на скапи вина, обвинуваат лозаропроизводителите. Велат дека ова ќе биде тешка година за нив бидејќи откупната цена е пониска од производната.

Од Здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци велат дека големите винарници треба да ја зголемат откупната цена, за да не ги уништат лозарите.

Ако во производството на килограм грозје покрај останатите трошоци, како трошок се вкалкулираат и наплатата на работната рака на сопствениците на лозјата и порастот на цената на работната рака воопшто, оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец, ќе бидат 15 - 20 денари по килограм. Цената се разликува од реон до реон, поради (не)можностите за наводнување, нужниот потребен број на прскања заради заштита и други чинители. Се најавуваат откупни цени од по 11 денари за откупен килограм смедеревка и 13 денари за откупен килограм вранец. Ако на тоа се додадат и субвенциите по хектар од владата тоа ќе значи дека за еден килограм предадено грозје смедеревка, производителот ќе добие вкупно 12 – 13 а за вранецот 14 – 15 денари. Само по себе се наметнува прашањето: Дали е нормално некој да произведува нешто за 15 до 20 денари и да го продава за 12 до 15 денари, се вели во дописот на Здружението, објавено на Фејсбук.

Според министерот Димковски, годинава ќе биде просечна за овој сектор. Вели дека се во постојана комуникација со винарниците и од нив бараат да дадат повеќе пари за откупен килограм, за државата да не мора да воведе интервентна мерка. Според пресметките, годинава од 5 до 10 милиони килограми грозје ќе останат како вишок.

-За оваа година што е планирано, барем она што е пријавено е некаде околу 105 милиони килограми. Она што се очекува да биде понудено на пазарот, генерално се предвидува да биде една просечна година. Се очекува околку 120-125 килограми да биде понудено на пазарот, имајќи на ум дека во последните три години просек на извоз на грозје во гајби е некаде околу 10 милиони килограми, рече министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Лани Владата во екот на откупот воведе интервентна мерка со која за килограм смедервка и вранец државата даде дополнителен денар субвенција.