Македонија
13. August 2019 - 21:43

Ловџиите ќе добијат дозвола за отстрел на диви свињи

Со посебни дозволи за влез во шумите ловците ќе можат да ловат диви свињи. Дозвола можат да извададат од подрачните единици на Македонски шуми. Оваа мерка е воведена за да се намали можноста за појава на африканска чума кај домашните свињи.  

Сепак, ловците велат дека концесионерите на ловиштата се во лоша финансиска состојба и не можат да се справат со месото од животните, па ќе бараат помош од државата.

-Ловечките концесионери се во лоша финансиска кондиција. Со спроведување на овие мерки ќе бидат изложени на уште поголеми финансиски трошоци, затоа од државата ќе побармае некоја финансиска стимулација за да покријат барем дел од трошоците кои се јават при реалзација на овие мерки, претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски.

АХВ воведе посебни правила за ловот на дивите свињи во следниот период. Секое мртво животно ќе мора да се однесе на испитување. Додека не се добијат резултатите, месото не смее да се пушти во промет. Секоја мрша која ќе биде пронајдена ќе мора да се пријави, но ловците не смеат да ја допираат.

-Ако се позитивни резултатите, тие свињи мора да се уништат. Ако е негативно, тогаш може да се стават во промет бидејќи ќе бидат под контрола на инспектори, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.

Опозицијата денеска побара одговори од АХВ за појавата на антракс кај овца во западна Македонија. Оттаму велат дека е неодговорно две недели да се крие од граѓаните за појава на оваа заразна болест.

-Господине Атанасов соберете храброст и одговорете, дали оваа година

АХВ изврши вакцинација во 22 - те подрачја кои се под опасност од повторно појавување на антракс? Доколку не, зошто не, и кој ќе сноси одговорност за таквото неодговорно однесување на вас како институција?, праша Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот Атанасов, сепак вели дека во моментот нема нови случаи на антракс, но не се исклучува можноста во иднина да се појави. Вели дека подрачјето каде што е пронајдена заболената овца е ново подрачје со ваквата болест. Досега таму немало вакцинирање, но се спроведува во моментот.