Македонија
22. August 2019 - 19:32

Ловџиите бараат подолг рок за отстрел на дивите свињи без интервенција на АРСМ

Ловџиите не сакаат Армијата да се вклучи во отстрелот на дивите свињи. Иако ги поддржуваат биосигурносните мерки кои надлежните институции ги донесоа, велат дека во следните денови ќе дадат свои предлози како да се спречи појавата на африканска свинска чума. За нив е прекраток и рокот од 10 дена за отстрел на 50 отсто од планираниот годишен застрел.

-Предложивме и поддржуваме биозаштитни мерки, но во име на Федерацијата и во име на сите концесионери се противиме на можноста за вклучување на Армијата во спроведување на отстрел на дивата свиња и поставување на временски ултиматум од 10 дена за реализација на 50 отсто од планираниот годишен застрел, бидејќи реално таа бројка за 10 дена не може да се постигне, вели претседателот на Федерацијата на ловци, Влатко Алексовски.

В недела треба да почне отстрелот во кривопаланечкиот ловечки регион. Таа точка се смета и за најкритична поради близината со Бугарија и Србија, каде веќе се појави оваа заразна болест.

На обвинувањата од страна на некои здруженија дека превентивните мерки се радикални, министерот Димковски вели дека доколку болеста се појави штетите ќе бидат многу поголеми од парите кои се трошат во моментот за превенција.

-Сите овие превентивни мерки ако ги погледнеме не значи дека сите се во функција, туку секоја институција има одреден рок за да се прилагоди и да се подготви за најлошото. Тие пари ќе бидат многу помалку одвоени од буџетот сега, отколку ако чекаме да се појави болеста и тогаш да ги преземеме истите овие мерки. Но, тогаш нема да биде вака – да се договораме, туку ќе мора да се оди поригорозно, вели министерот за земјоделство, Трајан Димковски.   

Опасноста од појава на африканската свинска чума ги дигна надлежните на нозе бидејќи болеста се појави во соседството. Според бугарските медиуми, свињарството во таа држава ќе претрпи штети од околу 300 милиони евра.