Македонија
27. November 2015 - 17:17

Лошите временски услови го намалија бројот на бегалци на јужната граница

Нема голем прилив на мигранти на јужната гранична линија, а состојбата е стабилна и под целосна контрола. Лошите временски услови направија нивниот број во однос на претходните денови значително да биде намален. Оние кои сепак успеале да пристигнат до котите 58 и 59 на југот од државата и доаѓаат од кризните воени подрачја без проблем се пропуштаат и се упатуваат во прифатниот центар. За разлика од нив таканаречените економски мигранти и покрај лошото време  и  денеска останаа да кампуваат на грчка територија и одбиваат да се вратат назад.

,, Меѓу нас нема терористи, во нашата земја има многу проблеми и затоа сакаме да отидеме во некоја европска земја.,, вели мигрант од Пакистан

,, Ако се вратиме назад не знаеме што може да се случи со нас во нашата држава. Не е само работата во прашање, има и многу политички причини, има многу проблеми поради кои моравме да заминеме.,, вели мигрант од Пакистан

Мирно е и во прифатниот центар кај Гевгелија, гужви нема, а прифаќањето и регистрацијата на бегалците кои пристигаат се одвива без проблем и некои поголеми задржувања. Во периодот додека се чека на транспорт од страна на хуманитарните организации тие овде ја добиваат неопходната прва помош, храна и облека.

Според последните податоци на МВР изминатите 24 часа биле издадени околу 2700 потврди за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил, од нив најголемиот број биле државјани на Сирија.