Loading Video...
Фудбал
29. May 2019 - 13:26

Лондонските ривали Челзи и Арсенал во дуел за трофејот на Лига Европа

Во фокусот на вниманието на спортската јавност е вечерашното финале во фудбалската Лига Европа, во кое за трофејот ќе се борат Лондонските ривали Челзи и Арсенал
 
Вечерва на Олимпискиот стадион во Баку, Челзи и Арсенал ќе се борат за трофејот на Лига Европа
 
Двата тима се со амбиции за освојување на трофејот, но се чини поголем мотив ќе имаат „топџиите“, кои преку овој меч бараат шанса за влез во Лигата на шампионите следната сезона, нешто што нивниот лондонски ривал веќе го има осигурено. 
 
„Нашиот предизвик е да освоиме титула, со што ќе имаме можност да играме во Лигата на шампионите следната година. Иако сме на крајот на сезоната мислам дека сме подготвени како да е почеток. Затоа верувам дека имаме можност да го направиме тоа“, истакна Унаи Емери менаџерот на Арсенал. 
 
Избраниците на Емери на последниот тренинг вежбаа и изведување на пенали, па лесно може да се заклучи дека една од опциите е токму „пенал рулетот“ во кој главна улога ќе имаат голманите. 
 
А, еден од нив е ветеранот  Петер Чех, за кој вечерашниот меч ќе биде последен во кариерата. Чешкиот голман, пред да дојде во редовите на Арсенал во 2015 година, претходно 11 сезони го носеше дресот на Челзи. 
 
Затоа пак последниот тренинг на „сините“ мина со голема нервоза, која резултираше со напуштање на теренот на менаџерот Сари. Причината за ваквата реакција на Италијанецот, инцидентот помеѓу Давид Луиз и Гонзало Игуаин.
 
Арсенал досега само еднаш се има израдувано на трофеј во европските купови, и тоа во далечната 1994-година кога триумфира во тогашниот Куп на куп победници. 
 
Челзи ќе атакува на својот вкупно шести трофеј на европската сцена, а втор во ова натпреварување, откако во финалето во Амстердам, 2013 година го победи Порто со 2-1.
 
Почетокот на финалниот меч меѓу Арсенал и Челзи е во 21 часот.