Свет
13. March 2017 - 16:01

Лондон: Барањето референдум за независност на Шкотска доаѓа во најлошо време

Кабинетот на британската премиерка Тереза Меј соопшти дека инсистирањето на Шкотската национална партија (СНП) за одржување втор референдум за независност доаѓа во „најлошо време“.

Портпаролот на владата во Лондон изјави дека податоците со кои располагаат покажуваат дека „мнозинството Шкотланѓани“ не сакаат втор референдум.

Тој нагласи дека ваквите барања сега доаѓаат само 2,5 години по првиот референдум, за кој СНП тогаш самата тврдеше дека станува збор за потег што се презема „еднаш во цела една генерација“.

- Вториот референдум би бил раздорен и би предизвикал голема економска неизвесност, а би се случувал во најлошото можно време, рече претставникот на Даунинг стрит 10, мислејќи на двегодшните преговори на Лондон со Брисел околу Брегзит и истапувањето на Велика Британија од ЕУ.

Неговата изјава претставува прва реакција на британската Влада по соопштението на првата министерка на Шкотска, Никола Страџен дека новиот референдум за независност би се одржал во есента 2018 или пролета 2019 година.

- Луѓето на Шкотска заслужуваат да им се даде можноста да се определат меѓу тврдиот Брегзит, за што се определи премиерката Меј и претворањето на Шкотска во независна држава, рече денеска Старџен во Единбург.

Таа потсети одново на шкотските предлози пред да почнат преговорите за тоа дека Шкотска сака да остане дел од заедничкиот пазар на ЕУ, дури и доколку Велика Британија се повлече од него.

Шкотските лабуристи соопштија дека ќе гласаат во шкотскиот Парламент против предлогот за покренување нов референдум за отцепување, објаснувајќи дека „Шкотска и Англија се најсилни кога се заедно“.

Против планот на Старџен се изјаснија и шкотските конзервативци, кои обвинија дека барањето втор референдум доаѓа на нејзнино инсистирање и само за партиски потреби.

Шкотската Партијата на зелените, меѓутоа, соопшти дека ги поддржи СНП и Страџен во барањето за ново гласање за иднината на Шкотска, оценувајќи дека излегувањето од ЕУ е само поради волјата на ториевската Влада и слабата Лабуристичка партија која нема сили да се спротивстави.

Првиот референдум се одржа во септември 2014 година и на него 55 отсто од Шкотланѓаните гласаа за останување, а 45 отсто беа за излегување од Унијата со Англија, стара повеќе од 300 години.

На референдумот за ЕУ во јуни 2016, големо мнозинство гласачи од Шкотска, 62 отсто, се определија за останување во ЕУ, наспроти 38 отсто кои гласаа за Брегзит.