Loading Video...
Македонија
4. September 2019 - 19:23

Локалното население спречи пожар во националниот парк „Пелистер“

Денеска околу 14 часот избувнал пожар кај гробиштата во село Ротино, во непосредна близина на Националниот парк Пелистер. Попладнево жителите заедно со противпожарната единица и екипа од НП Пелистер успеале да го изгаснат пожарот пред да премине во националниот парк.

-Го локализиравме навремено пожарот, иначе можеше да предизвика катастрофа, да се искачи право и да оди Пелистер. Ние се сомневаме дека пожарот е предизвикан од свеќи, некој сигурно несовесен запалил свеќи и ги оставил да горат, не ги изгасил додека бил присутен и оттука е почнат пожарот. Но органите се тука, полиција дојде, ќе проверат ќе испитаат, рече Благоја Лечковски, жител на село Ротино. 

Со цел повторно да не избувни пожар од жариштата заради ветрот, патролни екипи будно ќе ја следат состојбата вечерва.

-Интервенирано е првично со едно возило и 4 пожарникари, во рок од 15 минути побарана е помош од колегите и испратено е уште едно возило со три пожарникари. За брзо време пожарот е ставен под контрола. Ќе седиме тука додека не се осигураме дека се е во ред, рече Горан Димковски, заменик командир на ТППЕ Битола. 

Од НП Пелистер апелираат на поголема свесност.

-Тука нема граници за вакви работи, можеше да премине и во НП Пелистер. Испраќаме апел до сите, пожарот по сознанија е започнат со палење свеќа во црквата. Треба да се внимава, да се приседи дури се луѓето, рече Зоран Пројчевски, НП Пелистер. 

Во пожарот горела сува трева, папрат, а биле зафатени и неколку дрвја бор и молика.