Македонија
22. January 2021 - 13:33

Љупчо Ѓурчиновски нов полициски командир на ПС „Центар“

На вчерашната 59-та седница, покрај останатите точки на дневниот ред на Советот на Општина Центар, беше и изборот на нов командир на Полициската станица од општа надлежност „Центар“. Советниците имаа можност да бираат меѓу три кандидати, предложени од Министерството за внатрешни работи, од кои како најдобар кандидат беше избран Љупчо Ѓурчиновски, дипломец на Факултетот за безбедност и полицаец со стаж повеќе од 21 година, соопшти Општина Центар.

Ѓурчиновски доаѓа на местото на досегашниот командир на ПС „Центар“, Милисав Милијевиќ, долгогодишен полициски службеник и последен командир на полициската станица во Центар.

– За командир на Полициска станица од општа надлежност согласно членот 24 од Законот за полиција, може да биде избрано лице кое покрај општите услови за засновање на работен однос во Полицијата предвидени со овој закон, треба да има завршено соодветно високо образование и да има работно искуство во Полиција од најмалку шест години, наведуваат од Општината.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, на новиот командир на ПС „Центар“, Љупчо Ѓурчиновски, му посакува успех во работењето и продолжување на досегашната успешна и плодна соработка помеѓу Полицијата и општината.