Македонија
29. October 2015 - 14:40

Љубовни песни со Македонската филхармонија и Ана и Игор Дурловски

Љубовни песни од македонската музичка традиција е концептот на концертот „Песни од срцата“ на Македонската филхармонија и реномираните оперски солисти Ана и Игор Дурловски, што ќе се одржи утревечер во Македонскиот народен театар.

Како што соопштија од Македонската филхармонија, станува збор за музички проект што во себе ги инкорпорира едни од најубавите љубовни песни изнедрени од народната македонска музичка традиција кои овој пат ќе бидат донесена во едно поинакво руво.

- Уникатноста на овој музички настан ја дава спојот на италијанското бел канто, со кое се посветува внимание на убавината на тонот, со звуците на традиционалната мелоритмика, стои во соопштението.

Со оркестарот на Македонската филхармонија, ќе диригира маестро Борјан Цанев, а сосема нови аранжмани на песните за оваа пригода создаде македонскиот истакнат композитор Сони Петровски, меѓу нив ќе прозвучат и неговото дело „Пијан танец - Пајдушко“, по првпат во Скопје, како и „Во Струга дуќан да имам“ од македонскиот композитор Панде Шахов, на кое како солист ќе настапи еден од најдобрите македонски пијанисти од помладата генерација, Дино Имери.

Проектот „Песни од срцата“ е во режија на Дејан Пројковски, а костимите се на Тања Кокев.

Билетите за концертот се веќе распродадени.