Македонија
29. April 2017 - 17:23

Љубиша Георгиевски: Изборот на Талат Џафери е нелегитимен

Оценувајќи ја како една голема пародија, поранешниот собраниски спикер Љубиша Георгиевски во изјава за Дневник вели дека  изборот на Џафери е прекршување на сите деловници и правилници за работа на Собранието и вака не може да помине. Според него, негитимно е немањето на записник од текот на расправата а гласањето и броењето на гласовите не е според правилата.

- Со други зборови ова е качачка процедура. Kачаци влегоа во парламентот, си избраа нелегитимен претседател, претходно испеаја химна од туѓа држава на говорница.

Најстрашното, пак, е што ако остане Џафери на позицијата, никој не би можел да го спречи, на пример, во даден момент, да прогласи анексирање на Македонија кон Албанија, вели Георгиевски за Дневник.

Професорот Љубомир Цуцуловски по изборот на Џафери и настаните од четвртокот, вели дека меѓународната заедница има двојни мерила. На својот ФБ статус, коментирајќи ја изјавата од шведскиот амбасадор во името на сите странски претставници дека ова е време за дијалог а не за насилство, Цуцуловски пишува дека на едни народи се им е дозволено а други пак, треба да бидат мирни и послушни.

- Ако е така, тогаш редно беше овој ценет амбасадорски конзилиум да го подучи народот и да му даде упаства кога треба да биде мирен, а кога да не биде мирен. Но, тоа не го направи, оставајќи го народот да живее во незнаење и неизвесност, кога и што треба да прави, пишува Цуцуловски на ФБ.

За српскиот аналитичар и новинар Миша Ѓурковиќ, Албанците во Македонија со поддршка на Заев сдакаат да го менуваат уставниот поредок и да се претстават како мнозински геофактор.

- Видете имате конкретно кај Заев и СДСМ, дека се подготвени како би кажале кај нас „да ја продадат верата за вечера“ и таа фрустрација дека повеќе од десет години не се дел од владејачката коалиција,  да ја решат со тоа што ќе ги прифатат сите можни услови кои Албанците и меѓународниот фактор ги бараат, вклучувајќи ја и Тиранската платформа, за да се докопаат до власт, изјави  Ѓурковиќ.

За новинарот Васко Ефтов, има патриотизам кога државата се брани од испланиран државен удар.

- Ако на ваков начин се изгласа Претседател на Парламентот надвор од закон, Устав и деловник. Ако утре на ист таков начин се изгласа влада надвор од Устав, закони и правна процедура. Тогаш која е гаранцијата дека во некоја сала, во некоја шупа или во нечија канцеларија внатре или надвор од Македонија нема да биде договорена или изгласана Илирида, пишува Ефтов на фејсбук.

И покрај настанатата ситуација и обидите за изнаоѓање на решение по пат на дијалог, албанската пратеничка Месила Дода не престанува со своите скандалозни изјави и пишувања.

- Ние сме една нација и имаме еден став. Албанците треба да реагираат како единствена сила против секој напад. Го повторувам она што го кажав неколку месеци порано…Во една држава која не ги сака и не ги прифаќа, меѓу заедниците кои шират омраза кон Албанците. Албанците во Ирилида никој не може да ги спречи да живеат таму, стои во фејсбук статусот на Дода.