Македонија
27. May 2017 - 16:14

Љубисав Иванов Ѕинго со акламација реизбран за претседател на СПМ

Акламативно социјалистите одлучија Љубисав Иванов - Ѕинго да ја предводи СПМ. На осмиот конгрес членството му ја потврди довербата и му го довери мандатот. Ѕинго, порача дека одлучил да ја прифати номинацијата за да потврди дека не бега кога е најтешко. За него вели семејството, државата и народот се на прво место исто како и во досегашните шест децении политичка кариера.

- Да се создаде држава треба голема мудрост, треба херојство, патриотизам, одлучност, борбеност,а пак да се сочува државата треба голем разум. Разумот мора да преовладува кај секој, порача Иванов.

Говорејќи пред делегатите за неговата досегашна кариера и вклученоста во најважните чекори кога и бил потребен на државата, Иванов порача дека мора да се врати единството помеѓу народот и наместо да се прават етнички поделби, да се обединат интересите кои Македонија ќе ја носат напред.

- Да градиме односи, да градиме единство. Да ја елиминираме омразат што постои, да ги привлечеме луѓето кои се за Македонија, им порача Иванов на сопартијците.

Партиските делегати ги усвоија 19те точки како заклучоци од осмиот конгрес на Социјалистичката партија. Тие предвидуваат продолжување на борбата за одбрана на суверенитетот и интегритетот  на Македонија  и на нејзините витални национални  и државни интереси.