Македонија
5. July 2016 - 17:36

Лидија Димковска, добитник на наградата за поезија „Петру Крду“

Македонската поетеса Лидија Димковска е добитник на престижната европска награда за поезија „Петру Крду“, што ја доделува издавачката куќа „Книжевна општина Вршац“ (КОВ) од Србија. Наградата се состои од плакета, паричен износ и специјално издание избрана поезија од наградениот поет во препев на српски јазик.

- Поезијата на Димковска укажува на моќта и на мисловната димензија на древниот македонски јазички израз, како и на неговиот подоцнежен глас, се вели во образложението на членовите на жирито, во состав: д-р Драшко Реџеп, главен и одговорен уредник на КОВ, Ана Бландијана (Романија) и Вјачеслав Купријанов (Русија).

Поетесата, како што се наведува, таканаречените крајни можности за разбирање ги воведува на голема врата во светот на новата метафизика, на соголеноста на смислата, на релативизмот на важноста.

За наградената авторка и за значењето на признанието, во Белград говореа директорот на Фондацијата „Вук“ Љубомир Милутиновиќ, главниот и одговорен уредник на КОВ д-р Драшко Реџеп, поетот и преведувач Душко Новаковиќ, издавачот и литературниот критичар Ненад Шапоња и членот на Управниот одбор на КОВ Сања Вукељиќ. 

Европската награда за поезија се доделува биенално од 1986 година. Иницијатор за наградата беше српскиот поет и прв уредник на КОВ, Васко Попа, а традицијата ја продолжи Петру Крду, според кого по неговата смрт наградата и се именува.

Досегашни добитници на Европската награда за поезија се: Хусто Хорхе Падрон (Шпанија), Вјачеслав Купријанов (Русија), Јулијан Корнхаузер (Полска), Штефан Аугустин Дојнаш (Романија), Томас Транстромер (Шведска), Чарлс Симиќ (САД), Тито Патрикије (Грција), Миодраг Павловиќ (Србија), Роберто Мусапи (Италија), Еуженио де Андраде (Португалија), Рајнер Кунце (Германија), Тадеуш Ружевич (Полска), Паво Хавико (Финска), Пол Малдун (Ирска/САД), Ана Бландијана (Романија), Весна Парун (Хрватска), Петру Крду (постхумно, Србија) и Адам Загајевски (Полска). 

Лидија Димковска (1971) е добитник на неколку национални и европски признанија. Таа досега е најмладиот добитник на Европската награда за поезија.