Македонија
13. December 2016 - 11:17

Лидија Димковска добитник на Европската награда за поезија „Петру Крду”

Престижната Европска награда за поезија „Петру Крду” што ја доделува издавачката куќа „Книжевна општина Вршац (КОВ)“ од Србија оваа година ја доби македонската поетеса Лидија Димковска.

Наградата ќе и биде доделена на посебна свеченост на 15 декември во Вршац, а ден пред тоа, на 14 декември во Српското книжевно друштво во Белград ќе се одржи прес-конференција за наградата како и промоција на нејзини две книги: изборот поезија „Најблиску до најдалечното" во препев на Душко Новаковиќ и во издание на „Книжевна општина Вршац“, едиција „Добитници на Европската награда Петру Крду“, како и на романот „Скриена камера“ во превод на Урош Паиќ, а во издание на издавачката куќа „Агора“ која минатата година го објави и нејзиниот роман „Резервен живот“.

Жирито за Европската награда за поезија Петру Крду го сочинуваа: д-р Драшко Реџеп, главен и одговорен уредник на КОВ, Ана Бландијана (Романија) и Вјачеслав Купријанов (Русија/Швајцарија), поранешни добитници на наградата. Европската награда за поезија се доделува биенално од 1986 год. Иницијатор за наградата беше српскиот поет и прв уредник на КОВ, Васко Попа, а традицијата ја продолжи Петру Крду според кого по неговата смрт наградата и се именува.

Димковска е најмладата добитничка на наградата “Петру Крду”. Досегашни добитници на оваа Европска награда за поезија се: Хусто Хорхе Падрон (Шпанија), Вјачеслав Купријанов (Русија), Јулијан Корнхаузер (Полска), Штефан Аугустин Дојнаш (Романија), Томас Транстромер (Шведска), Чарлс Симиќ (САД), Тито Патрикије (Грција), Миодраг Павловиќ (Србија), Роберто Мусапи (Италија), Еуженио де Андраде (Португалија), Рајнер Кунце (Германија), Тадеуш Ружевич (Полска), Паво Хавико (Финска), Пол Малдун (Ирска/САД), Ана Бландијана (Романија), Весна Парун (Хрватска), Петру Крду (постхумно, Србија) и Адам Загајевски (Полска).