Македонија
20. October 2015 - 16:44

Лидерската средба неуспешна: Хан и Бејли разочарани и загрижени - Преговорите продолжуваат во работни групи

Десет часа поминати на иста маса не беа доволни за СДСМ,  ВМРО – ДПМНЕ, ДУИ и ДПА да ги усогласат ставовите по однос на потребните законски измени кои произлегуваат од договорот во Пржино. До четири часот утрово останаа во резиденцијата на Европската Унија, но ниту помошта на комесарот Хан не помогна да се стави крај и навреме да се финализираат обврските. Лош ден за Македонија го оцени Јоханес Хан, по 15 часа поминати на одвоени средби со лидерите и заеднички обид за напредок. Разочаран е од односот на политичките лидери, но порача дека останува поддршката за напредок.

Амбасадорот на САД Џес Бејли денеска преку социјалните мрежи порача дека е сериозно загрижен од неспособноста на лидерите да постигнат договор.

- Договорите од Пржино се начин да се обезбеди  подготвеност да се подобрат условите за слободни и фер избори и да се стави крај на политичките кризи во Македонија, напиша Бејли на Твитер.

Први од преговорите синоќа излего лидерите на ДПА и ДУИ. Тачи не даде одговор, но Ахмети порача дека има извесен напредок во разговорите. Повеќе од три часа подоцна, со ист став излезе и ВМРО – ДПМНЕ. Најдолго се разговарало за законот за Влада тврдат од тимот на владеачката партија, но според нив партиите успеале да постигнат приближување на ставовите за сите отворени прашања.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој по четири часот уторово со Груевски, Хан и Бејли остнаа во резиденцијата на ЕУ порача дека останува рокот до денеска на полноќ да се завршат обврските и да се испочитува договорот од Пржино. Ако ова не биде реализирано Заев најави дека партијата ќе донесе одлука за начинот на кој ќе делува во иднина.

Финалниот договор четири часа по полноќ во Пржино е разговорите да продолжат. Не во резиденцијата, без присуство на лидерите и со средби на работните групи.