Македонија
6. May 2016 - 17:39

Лидерска средба како единствен начин за излез од политичката криза

По неколку неуспешни обиди, големата четвртока вечерва се очекува конечно да седне на заедничка маса, дознава Сител од неофицијални дипломатски кругови.
 Откако вчера, ДУИ, ДПА и СДСМ не поднесоа листи со кандидати за членови на избирачките одбори, меѓународниот фактор на лидерска ќе инсистира на решение за излез од политичката криза.
Во пресрет на лидерската, партиите остануваат на своите познати ставови.
За ВМРО-ДПМНЕ изборите се единствениот излез од кризата.

- Врвен интерес е излегување од кризата преку одржување на избори на кои граѓаните би одлучиле кому ќе му ја дадат довербата за да ја води Македонија. Ова е приоритет и на ВМРО ДПМНЕ. За жал, заради паничниот страв на СДСМ од немањето поддршка за нивните деструктивни политики, предвремените парламентарни избори еднаш веќе се откажаа. Со тоа СДСМ се промовираше во единствената опозициска партија во светот која бега и се плаши од избори. – велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека  остануваат на својот став дека аболицијата на Претседателот Иванов не е во согласност со политиките на партијата бидејќи секој што сторил криминал за тоа ќе мора да одговара.

Без промени и во ставовите на СДСМ. Од партијата бараат повлекување на аболицијата на Претседателот Иванов и итно свикување на Собранието за одложување на изборите.

- На Македонија и се неопходни демократски промени коишто ќе се случат на слободни, фер и регуларни избори, со прочистен избирачки список, реформи во медиумите и одвојување на партијата од државата. – велат од СДСМ

Од Мала Речица велат дека се подготвени да го прифатат било кое решение кое ќе биде постигнато со консензус

-Разговорите за изнаоѓање на решение продолжуваат. Ние остануваме на ставот дека било кое решение, вклучувајќи ги и изборите треба да биде прифатливо за сите партии потписнички на скопскиот договор – велат за Сител од ДУИ.

Во ДПА владее молк. Обидите да добиеме став од партијата на Тачи останаа без успех.

Ова е втор обид за одржување на лидерска средба во последните неколку недели. Последниот пропадна кога СДСМ одби да се појави на разговорите закажани од еврокомесарот Хан во Виена.