Македонија
30. October 2016 - 11:42

Лидерот на СДСМ Заев ја посети Могила

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска беше во посета на Могила. На средба со земјоделците ги соопшти партиските мерки и програмата за земјоделството. 

- Овде сме да испратиме порака дека мора да има живот и за земјоделците во Македонија. Вкупно 160 милиони евра годишно ќе даваме субвенции. Субвенциите ќе бидат наменети за да стигнат кај вистинските земјоделци, рече Заев.

Според него, СДСМ нуди повеќе можности за земјоделците, а најзначајната мерка е организиран, добро испланиран пласман на производството.

- Првата можност е субвенциите да стигнат кај нив кога им требаат. За производителите на овошје, ќе стигнат во март, април кога почнува производствената сезона. За производителите на жито во септември, октомври кога завршува жнеењето на житните култури и почнува подготовката на наредната сезона. За сточарите во јуни, јули, кога е најевтина храната за стоката и добитокот. Истовремено за набавката за секое ново грло добиток, ќе има 30 отсто зголемена субвенција со цел да расте стадото. За секој нов хектар земјоделска површина ќе одобриме 20 проценти повисока субвенција која во просек значи 2.500 денари повеќе од тоа што денеска се дава по хектар површина, истакна лидерот на СДСМ.

Тој порача дека државата треба да обезбеди сигурен пласман на земјоделските прозиводи, а тоа е можно преку отворање на пазарите и преку планирање на производството согласно потребите на домашниот пазар и на традиционалните пазари каде што се продаваат нашите земјоделски производи.

- Само со богати земјоделци и достоинствен живот по селата, ќе живеат и градовите, заклучи лидерот на СДСМ Зоран Заев.