Свет
14. August 2016 - 8:53

Лидерот на Хезболах ги повика радикалните групи во Сирија да го положат оружјето

Лидерот на шиитската групација Хезболах, шеикот Хасан Насрала, чии борци се борат на страната на сириската армија, ги повика бунтовниците од сите радикални групации во Сирија да ја прекинат борбата и да го положат оружјето.

Насрала го упати овој повик во обраќање емитувано од телевизијата Ал Манар, во врска со десетгодишнината од прекинот на конфликтот во јужен Либан.

- Натамошното продолжување на војната е бесмислено, бидејќи тоа им служи само на интересите на САД и на продадените арапски режими. Доколку кај вас борците, останало нешто од исламот, прекинете го непотребното крвопролевање, рече Насрала.

Лидерот на Хезболах тврди дека терористичките организации Исламска држава и Џебат ал Нусра (која го смени името во Џебат Фатах ал Шам) и други радикални групации се вооружувани и обучувани од САД со средства од буџетите на арапските монархии.

- САД се мајстори за водење војни со туѓи раце. И сега Владата на Барак Обама сака во предизборните кампањи да ги искористи разбивањето на ИД во Рака и Мосул, додаде Насрала.