Свет
29. јуни 2016 - 8:46

Лидерот на британските лабуристи одбива да поднесе оставка

Лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјави дека нема намера да поднесе оставка и покрај изгласаната недоверба од поголемиот број негови пратеници.

Во изјава за лондонските медиуми, тој ја отфрли целата постапка околу иницијативата за изгласување недовреба.

„Гласањето нема никаква статутарна легитимност„- рекол Корбин, објаснувајќи дека тој нема намера „да ги предаде партиските членови кои гласале за него„ кога  беше избран за лидер на лабуристите, со поднесувањето оставка.

Лабуристичките пратеници во Долниот дом на Парламентот покренаа иницијатива за изгласување недовреба на нивниот лидер Корбин. На гласањето 173 пратеници се изјасниле за изгласување недоверба, додека 40 биле против.

Оние кои му останаа лојални изјавиле дека неговите критичари  треба да покренат процес за нови лидерски избори.

Кризата во опозициската Лабуристичка партија избувна во неделата, кога Корбин го смени Хилари Бен, министер за надворешни работи во владата во сенка, затоа што овој  јавно му изрази недоверба на својот лидер.

Веднаш потоа, во знак на протест,  оставки поденесоа 16 министри во сенка, како и уште неколкумина партиски функционери.

Сите го обвинуваат Корбин за погрешно водење на кампањата за референдумот и за создавање забуна меѓу партиското членство, околу тоа дали да се гласа за останување или за заминување од ЕУ.

Обвинувањата се појавја откако стана јасно дека за Брегзит, што го покренаа и водеа евроскептиците и десното крило на Конзервативната партија, гласале голем број работници во североистична Англија и во Велс, кои традицонално гласаат за лабуристите.

Корбин кој е припадник на крајното левичасрско крило на лабуристите, важи за долгогодишен критичар на ЕУ и евроскпетик меѓу левицата. Тој веруваше дека референдумот е „ториевска работа„, па дека затоа лабуристите нема потреба да учествуваат во кампањата, „за да го спасуваат Камерон„.

Официјалната позиција на лабуристите, сепак, од почетокот на целиот процес беше останување на земјата во ЕУ. 

Критичарите на Корбин инсистираат дека тој повеќе не може да ја води партијата, затоа што својата идеолошка определба ја ставил пред  интересите на Велика Британија.

Лидерот на шкотските лабуристи, Кезиа Дагдеил изјави синоќа дека по изгласната недоверба од пратениците, позицијата на Џереми Корбин во партијата станала „неодржлива„ но тој порача дека доколку има нови лидерски избори,  одново ќе се кандидира.