Свет
25. January 2017 - 19:07

Лидерката на АФД бара селективна примена на германскиот устав

Лидерката на германската партија „Алтернатива за Германија“ (АФД) која што стана трета партија во земјата со својата антимигрантска и антимуслимска реторика бара членот од германскиот устав, којшто дозволува азил за луѓето кои што се политички прогонувани да не важи за сегашните бегалци од Сирија и Ирак.

Како што јавува дописникот на МИА од Берлин, Фрауке Петри во интервју за весникот „Ди Цајт“ вели дека е време правото на азил поради политичко прогонство да биде извадено од уставот затоа што пишувачите на германскиот устав усвоен во 1949 година не ги имале предвид бегалците од Сирија и Ирак

„Луѓето прогонети на политичка основа имаат право да бараат азил“, се вели во членот 16 од уставот на Германија кој што според лидерката на АФД е застарен и не може да ја одрази реалноста во Германија и светот. Петри смета дека авторите на германскиот устав тогаш размислувале за многу мала група на луѓе во контекст на одговорноста за злосторствата во текoт на втората светска војна и затоа правото на азил ја нема соодветната тежина при решавање на денешните бегалски прашања.