Свет
19. February 2016 - 8:58

Лидерите на ЕУ за можноста за спогодба со Велика Британија на самитот во Брисел

Премиерот на Шпанија Мариано Рахој е уверен дека денеска може да биде постигната спогодба меѓу Брисел и Лондон за прашањето за реформирање на Европската унија, јави ТАСС. 

- Утре ќе почнеме со работа малку подоцна, но сметам дека ќе има спогодба, изјави Рахој вчера пред новинарите по завршувањето на првиот ден на самитот.

Според шпанскиот премиер спогодбата е поволна како за Брисел, така и за Лондон.

Рахој посочи дека неговиот став не е променет и оти тој го поддржува британскиот премиер за да може референдумот во Велика Британија да биде успешен и земјата да остане во Унијата.

Премиерот на Шведска Стефан Лофвен изјави дека учесниците на самитот во Брисел се цврсто решени да постигнат спогодба за реформирање на Унијата.

Лофвен истакна дека настојувањето е спогодбата да биде постигната колку што е можно побрзо, но прецизира дека брзањето не треба да биде на штета на нејзиниот квалитет. 

- Важно е Велика Британија да остане во ЕУ. Тоа е важно и за ЕУ и за Велика Британија, таа е голема и важна држава и нам не ни треба ЕУ, која не може да се одржи обединета, изјави шведскиот премиер.

Премиерот на Холандија Марк Роте изјави дека на самитот може да се постигне решение за реформите, за кои инсистира Велика Британија.

- Имале политички импулс. Ќе биде убаво, доколку на таа средба биде постигнат договор, но сепак постои веројатност тоа да не се случи. Има се уште време до крајот на 2017 година, во врска со референдумот што треба да го свика британскиот премиер Дејвид Камерон, посочи тој.

- Постигнувањето на спогодбата за реформирањето на ЕУ ќе биде посложено, отколку што се претпоставуваше порано, изјави премиерот на Ирска, Една Кени по завршување на првиот ден од самитот.

- Ќе биде потребно повеќе време, додаде Кени.