Свет
21. November 2016 - 10:49

Лидерите на АПЕК против протекционизмот на Доналд Трамп

Првите луѓе на земјите од азиско-пацифичкиот регион синоќа во Лима се збогуваа од американскиот претседател Барак Обама и зазедоа спротивен став од заложбите на неговиот наследник Доналд Трамп, ветувајќи дека ќе се борат против протекционизмот.

- Се обврзуваме дека ќе се бориме против секоја форма на протекционизам, се наведува во завршното коминике од годишниот самит на Организацијата за азиско-пацифичка соработка (АПЕК), во реакција на антиглобализациската кампања што ја најави новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.

Првите луѓе на АПЕК ветија и дека нивните „пазари и во иднина ќе бидат отворени“, дека нема да ги девалвираат своите валути „заради конкурентноста“, како и дека вредно ќе работат на долгорочното воспоставување на целосна зона за слободна трговија во азиско-пацифичкиот регион.