Свет
9. November 2017 - 23:06

Лидер на движење на арапското малцинство во Иран убиен во Хаг

- Иранскиот политички активист и основач на арапска националистичка организација, Ахмад Мола Ниси е убиен во Хаг, соопшти денеска холандската полиција. 

Според полицијата, припадници на Брзата помош се обиделе да го реанимираат 52-годишниот Ниси на самото место на кое е застрелан, но тој им подлегнал на здобиените повреди.

Ниси, кој во последниве 10 години живееше во Хаг, е основач на Арапското милитантно движење за ослободување на Ахваз, кое се залага за создавање на независна држава во југозападната иранска провинција Хузестан, каде живеат Арапи.  

Движењето тврди дека Арапите во Ахваз, арапско име за Хузестан, се под иранска окупација и дека немаат основни граѓански права и услови за достоинствен животен стандард.

Ниси во јули годинава во едно интервју изјави дека неговото движење бара „ослободување на народот на Ахваз од иранската окупација“.

Вооруженото крило на движењето, во минатото презеде одговорност за неколку напади во Иран, меѓу кои и за убиството на двајца припадници на Иранската револуционерна гарда.