Свет
14. November 2017 - 20:01

Лидер на четничка организација прогласен за персона нон грата во Романија

 Апелацискиот суд во Букурешт денеска го прогласи лидерот на српската милитантна шовинистичка организација Четничко движење (ЧП), Братислав Живковиќ за персона нон грата во Романија, за период од 15 години. 

Живковиќ е обвинет за обид за прибирање и предавање на државни тајни на странски држави, организации или нивни агенти, како и за создавање на шпионска мрежа на територијата на Романија, со цел да им наштети на романските стратешки партнерства, се наведува во образложението. 

Во текот на 2017 година Живковиќ често ја посетувал Романија со цел прибирање на информации, чие протекување би претставувало закана за националната безбедност на земјата. Благодарение на романското контраразузнавање биле преземени мерки и тој не успеал да добие ниту еден таен документ или информација.

Според податоците на романската служба за државна безбедност, 42-годишниот Живковиќ во 2014 и 2015 година, заедно со други српски доброволци на членови на неговата организација, учествувал во конфликтот во Украина на страна на проруските сили.