Свет
2. October 2015 - 9:03

Личните податоци на 15 милиони претплатници на американски мобилен оператор украдени при кибер-напад

Личните податоци на 15 милиони претплатници на американскиот мобилен оператор Ти-мобајл (T-Mobile), филијалата на германската компанија Дојче телеком (Deutsche Telekom), биле украдени при кибер-напад против негова фирма, подизведувач.

Хакерите ги добиле имињата, датумот на раѓање, адреса, броеви на социјално осигурување, како и информацијата за солвентноста на овие луѓе, соопшти Ти-мобајл во писмо до своите клиенти, пренесува БТА.

Четвртиот по големина мобилен оператор во САД увери дека не биле украдени информации за банкарските картички на претплатниците.

Кибер-нападот бил извршен од 1 до 16 септември. Жртва бил одделот на компанијата Експириан (Experian), која им помага на корпоративните клиенти да ги менаџираат кредитните ризици и да спречуваат измами. Таа фирма била изнајмена од Ти-мобајл за да го проучува кредитниот рејтинг на нејзините сегашни и идни претплатници.

Можно е да биле украдени податоците на луѓе кои во телекомот поднеле  апликации за обезбедување на мобилни услуги во периодот 1 септември 2013 - 16 септември 2015 година

Од Експириан веднаш ја информирале полицијата за кибер-нападот. Засега нема информации дека украдените податоци биле користени во незаконски цели.

Минатата година американските организации пријавиле околу 800 случаи на хакерски кражби на податоци.