Македонија
28. September 2018 - 14:31

Лични асистенти за деца со посебни потреби во тетовските училишта - нов проект на локалната власт и УНДП

Петнаесет лични асистенти што ќе работат со децата со посебни потреби што се вклучени во редовна настава низ тетовските основни училишта, ќе бидат ангажирани во рамки на проектот за општествено корисна работа што заеднички го реализираа мисијата на УНДП во Македонија и општина Тетово.

Ова го најави претставничката на УНДП во Македонија Луиза Винтон при денешната средба со претставници на општина Тетово. Винтон посочи дека овој последен проект е само продолжување на долготрајното партнерство на УНДП и тетовската локална власт.

- На денешната средба беа споделени искуствата од минатата година од исто така 15 лични асистенти ангажирани во тетовските основни училишта. Радува заинтересиранота на директорите на училиштата и локалните власти но особено прифатеноста на оваа програма од родителите на овие деца, рече Винтон.

Таа посочи дека активноста во Тетово е дел од националната програма за лични асистенти што освен деца со посебни потреби опфаќа и возрасни и стари лица

- Оваа 2018 година е најголема во однос на опфатот бидејќи  56 општини од Македонија се вклучени во програмата, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување  ќе бидат ангажирани вкупно околу 650 лица како лични асистенти, изјави Винтон.

Според неа, помошта за заедницата опфаќа неколкупати повеќе лица што ќе имаат придобивки од оваа програма што пак за крајна цел има одржлив развој на локалната заедница.