Македонија
3. December 2020 - 16:36

Лицата со хендикеп велат дека е време да добијат свој претставник во Собранието

Време е лице со хендикеп да стане пратеник за да се залага за правата и решавање на проблемите на оваа група граѓани, сметаат од Полио Плус. На меѓународниот ден од движењето против хендикеп истакнаа дека со ваков чекор секоја политичка партија ќе има бенефит.

-Како фокус ни е политичката репрезентација на партиципација на лица со хендикеп. Можеби навидум делува дека не прашуваат и некако не вклучуваат, но посакуваната репрезентација завршува како презентација. Или народски речено за сликање. И тоа треба да го надминеме, согласно начелото “Ништо за нас без нас”, изјави Звонко Шаврески, претседател на движењето против хендикеп Полио Плус.

Годинава Полио Плус одбележува 20 години од основањето и борбата за правата на овие граѓани. Како движење сметаат дека за овој период многу работи за лицата со хендикеп биле запоставувани, а тоа им го отежнувало животот.

-За волја на вистината нешто е поместено напред, многу повеќе можеме да видиме пристапни рампи, во образованието се прават големи напори и сега се прави за да можат да се вклучат лицата со хендикеп во образованието, рече Шаврески.

Министерката за труд и социјала вели дека преку социјалната реформа ќе се овозможи вистинска инклузија на лицата со попреченост.

-Преку социјалната реформа од страна на МТСП не само како законско решение туку и преку мерките кои се предвидени со оваа реформа, сакаме да овозможиме вистинска инклузија на лицата со попреченост во нашето општество, изјави Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.

Според СЗО околу 15 проценти од популацијата е со некаков хендикеп, па оттука се проценува дека 300.000 граѓани во Македонија се лица со попреченост.