Македонија
20. December 2015 - 10:33

Лицата со Даунов синдром ја покажаа својата креативност

Предновогодишната работилница која се одржа вчера во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје, донесе уникатни новогодишни честитки и дружба на македонските дизајнери со лицата со Даунов синдром.

Модните дизајнери Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева, графичкиот дизајнер Емилија  Мишева Ставрова и студентите од Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет, разменуваа идеи и ги поттикнуваа вештините на лицата со Даунов синдром а компанијата „Линеа“ ги израдува сите учесници со новогодишни пакетчиња.

Работилницата која беше организирана од  „Јавна соба“ и Моден викенд Скопје, со помош на активистките Марија Матовска и Росица Колева кои долги години се занимаваат со поддршка  на лицата со Даунов синдром, има за цел да допринесе за личниот развој и рамноправен статус на овие лица во нашето општество, како и да покаже дека и покрај својата попреченост лицата со Даунов синдром се со многубројни таленти.

Во Македонија постепено се зголемува бројот на организации и индивидуалци кои посветуваат големо внимание на развој и општествена инклузивност на лицата со Даунов синдром.