Свет
30. May 2017 - 10:43

Либиски џихадисти подготвуваат нови напади во Британија

Либиски џихадисти вклучени во милитантната исламистичка група Исламска држава (ИД) се обучуваат низ камповите на групата на либиска територија за извршување напади со бомбаши самоубијци во Велика Британија, тврдат лондонските весници повикувајќи се на изјава на Халед ал Меграхи, син на сега починатиот „бомбаш од Локерби“.

Весниците не објаснуваат од каде младиот Меграхи ја знае информацијата за нови напади врз британската територија, но во изјава дадена во Триполи посочува дека дури и главниот град на Либија е терен каде постојат центри во кои млади џихадисти се обучуваат за тероризам и за ракување со оружје.

Изјавата на Ал Меграхи доаѓа само осум дена по терористичкиот напад во Манчестер во кој беа убиени 22 лица, од кои седум беа деца, а други 116 беа полесно или потешко ранети.

Досегашната истрага покажа дека бомбашот самоубец од Манчестер, Салман Абеди престојувал еден месец во Либија и дека се вратил непосредно пред да го изврши нападот.

Либиската милиција од Триполи веднаш по нападот го уапсиле неговиот помлад брат и татко му, кои престојувале во либискиот главен град.

Во текот на сослушувањето, братот признал дека разговарал со напаѓачот од Манчестер само 15 минути пред да ја активира експлозивната направа, но тврди дека не знаел кога и каде го планирал нападот.

Претставник на либиските специјални сили за одбрана изјави за една локална телевизиска станица дека двајцата браќа заеднички работеле на подготвувањето на нападот, но рекол дека терористот не се обучувал на либиска територија.

Американски медими вчера објавија дека е многу веројатно оти Салман Абеди се обучувал за терористички напади во Сирија во редовите на џихадистите на ИД, по што се вратил во Велика Британија.

Либиските специјални сили за одбрана тврдат дека напаѓачот од Манчестер нападот го планирал и бомбата ја направил во градот во кој е роден и израснал, а дека единствен советник му бил неговиот брат.

Таткото Ал Меграхи, познат во британската јавност како „бомбашот од Локерби“ е поранешен оперативец на либиската тајна служба од времето на Моамер Гадафи, кој беше единствениот осуден за терористичкиот напад од декември 1982 година.

Од подметната бомба во авионот на „Пан Америкен“ која експлодира над шкотското место Локерби, беа убиени 270 лица во авионот, како и на земја од паднатите делови на уништениот „Боинг“.

Ал Меграхи никогаш не ја призна вината, а почина во Триполи од рак по соборувањето на Гадафи. Неговото семејство сега настојува да се обнови процесот и бара рехабилитација за него.

Велика Британија мошне активно учествуваше во соборувањето на Гадафи, вклучувајќи се со свои авиони во бомбардирања на либиската територија и помагајќи ги исламистичките бунтовници.