Бизнис
13. March 2019 - 19:49

Либерализација на железничкиот транспорт може да ги намали загубите во секторот

Либерализација на железничкиот сообраќај ќе ги намали загубите на МЖ Инфраструктура, објаснува директорот на јавното претпријатие. Според него, главна причина за загубите на компанијата е амортизацијата на инфраструктурата. Финансискиот извештај покажа дека компанијата го завршила последниот квартал лани со загуба од 1,6 милиони евра.

“Амортизацијата е причина за поголем дел од загубата и доколку има начин како да се покрие нашето работење би било во позитива. Таа не е од денеска и не може да ја покриеме во цената што ја земаме за пристап, бидејќи ќе биде неприфатлива за ниту еден од операторите. Амортизацијата фактички не е загуба на финансиски средства, туку се одразува на финансискиот извештај. Единствено на тој начин ќе се акумулира загубата која е резултат на амортизацијата. Тоа може да се постигне само со либерализација на пазарот и постоење на повеќе оператори што, пак, би значело повеќе возни километри, повеќе возови и повеќе средства”, вели Ирфан Асани, директор на ЈП Македонски Железници Инфраструктура.

Во последниот квартал лани патничкиот сообраќај се намалил за 22%, а товарниот за 8%.

“Намалувањето кај товарниот сообраќај се должи на прекинот во сообраќајот поради проблемите на мостот, а во патничкиот поради укинувањето на линијата Белград – Скопје – Гевгелија”, вели Ирфан Асани, директор на ЈП Македонски Железници Инфраструктура.

Наспроти европските препораки, либерализацијата на железничките услуги неколку пати се одложуваше, сè додека земјава не влезе во ЕУ. Во меѓувреме Железници продолжува да прави загуби.