Свет
1. April 2016 - 12:39

Либанската полиција уапси трговци со бело робје и ослободи 75 сексуални робинки, главно Сиријки

Либанската полиција растури мрежа од трговци со бело робје и ослободи 75 сексуални робинки, главно Сиријки, информира извор од локалните безбедносни сили, цитиран од француските медиуми.

-Ова е најголемата мрежа за секс робинки, која успеавме да ја распетламе од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, изјави изворот кој посакал анонимност, пренесува БТА.

Жените биле силувани и тепани, некои носеле белези од „сакатење“ по телото, се наведува во коминикето на либанската Служба за внатрешна безбедност, која оваа мрежа ја карактеризира како „најопасната за шверц со луѓе во Либан“.

Полицајците обезбедиле грижа за 75-те жени, кои освен на тепања биле подложени и на психички и физички мачења, принудувајќи ги да даваат сексуални услуги, а нивните снимки потоа криминалците ги  лиферувале.

Уапсени се 10 мажи и осум жени, кои ги чувале становите во кои сексуалните робинки биле заточени. Се уште се трага по  две лица од криминалната група.

Со рацијата откриено е и осуммесечно бебе, веројатно дете на една од жените, кои добиле помош.

- Како што секогаш се случува за време на војна, конфликтот во Сирија жените и децата ги направи поранливи. Тие ја плаќаат највисоката цена, коментира изворот.

Во Либан се сместени над 1,1 милион сириски бегалци од војната, што е речиси една четвртина од населението во земјата, која го зазема првото место во светот по примени бегалци по глава на жител.