Македонија
16. July 2020 - 16:51

Левица станува парламентарна партија, но тврди дека им биле украдени три пратеници

Левица ќе приговара за украдени 10.000 гласови, тврдат дека освоиле плус 3 пратеници. Обвинија дека им се украдени гласови во 1, 2 и 4 ИЕ. Најавија кривични пријави за членовите на ДИК. Апасиев обвини дека на овие избори се случил не виден скандал и очекува нови избори. За сега не преговарале со никој за коалицирање но Апасиев е дециден дека со СДСМ и Заев нема шанси да преговара.

И од Интегра бараат државните органи да ги расчистат сомнежите и да достават материјални докази за кредибилноста на изборите. Според нив се случил изборен инженеринг и бараат увид во неважечките ливчиња. Претседателот на партијата смета дека единствено ВМРО ДПМНЕ може да побара поништување на овие избори и да се одржат нови повторени парламентарни избори.

Без забелешки за резултатите, честитка испратија од Македонски концепт до сите нови членови на Собранието. Порачаа дека ќе продолжат да делуваат опозициски но ќе дадат поддршка на новата Влада во евроинтеграцискиот процес. Тврдат дека нивните гласови се во неважечките ливчиња за што поднеле приговор.

„Во очекување на одговор од ДИК, без голема надеж за праведна одлука од нивна страна, истакнуваме дека сме наполно свесни дека ние живееме во контролирана демократија, во која партиите одлучуваат кој ќе победи, а не ние граѓаните!“ стои во соопштението  од Македонски концепт.

Демократски сојуз најави дека во следниот собраниски мандат ќе биде парламентарна партија. Побараа да се преземат мерки за паѓањето на веб страната на ДИК. Како и сите помали политички партии така и од ДС бараат Собранието да го промени  изборниот модел во првите три месеци од новиот мандат, заради поправично и подемократско одразување на волјата на граѓаните.