Македонија
9. December 2021 - 11:43

Левица: Само прекин на преговорите со Бугарија е гаранција дека нема да биде дораспродаден македонскиот идентитет

Досегашното искуство на Република Македонија во преговорите со соседните држави, децидно нè има научено, дека секое наредно решение и договор, како резултат на спорови заради билатерален спор, завршило во директна штета врз македонскиот народ! Изборите укажаа на немање легитимитет кај Владата за водење на преговори со трети држави, кои се од круцијално значење за македонскиот народ.

Но, моменталната политичка реалност индицира кон тоа дека делегитимираната Влада, сламката на спасот ја гледа единствено во отпочнувањето на преговори со Европската Унија. Раштимана од изборниот неуспех, Владата е спремна (без разлика на последиците кон македонската држава) повторно да влезе во неолибералната преговарачка машинерија и уште еднаш да ги поткопа националните интереси, заради сопствен спас на политичката сцена.

Решавањето на спорот со источниот сосед ја има круцијалната улога во разврската на ова прашање, при што се најверојатни се следниве две сценарија, и двете погубни за македонската нација:

1. Анекс на постоечкиот договор или нов договор, по примерот на оној со Грција, кој дополнително ја става македонската страна во подредена позиција, со севкупно прифаќањето на бугарските (ЕУ) услови, за отпочнување на преговорите!

2. Рамковната позиција, усвоена од бугарскиот Парламент во 2019 година, да влезе во преговарчката рамка на ЕУ со Македонија.

И во двете возможни сценарија, останува фактот дека Бугарија нема да отстапи од своите негаторски и шовинистички барања кон Македонија, кои вклучуваат:

 Употреба на фразата „службен јазик на Република Македонија“. Во случај на апсолутна потреба на користење на терминот македонски јазик, во документите и позициите на ЕУ секојпат да се додаде фусноста дека е во согласност на Уставот на Република Македонија;

 јазичната норма, која е наведена како уставен јазик на Република Македонија, е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите дијалекти во поранешната југословенска република по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ не смее да смета за признавање на бугарската страна на постоење на т.н македонски јазик како различен од бугарскиот;

 откажување од барањето за постоење на македонско малцинство во Бугарија;

 активирање на процес на рехабилитација на “жртвите на југословенскиот комунистички режим”, репресирани поради нивната бугарска самосвест;

 преземање систематски мерки за отстранување од плочите и натписите на спомениците, плочите и зградите текстови кои содржат квалификации како „бугарски фашистички окупатор“;

 усогласување на наставните програми по историја, географија и литература;

 медиумите финансирани од државниот буџет да ги засноваат своите официјални изјави и коментари со текстовите договорени од Комисијата;

 вметнување на Бугарите во македонскиот Устав како посебна етничка заедница

Сметаме дека делeгитимираната Власт нема интегритет, уште помалку капацитет, а најмалку умешност да ги води преговорите со Бугарија!

Левица повикува на почитување на Резолуцијата за „црвените линии“, итен прекин на преговорите и водење на принципиелен процес на интеграција кој ги заштитува македонските национални интереси.