Македонија
8. February 2021 - 11:13

Левица: Продажбата на државното земјоделско земјиште во приватни раце е чекор назад кон феудализам

Владата, преку премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Фатмир Бесими најави продажба на државно земјоделско земјиште во наредните 3 години – 2021, 2022 и 2023. Ова распродавање на земјиштето е планирано да почне од втората половина на 2021 година. Владата планира продажба на 20 – 30% од вкупното државното земјоделско земјиште, кое според нивни проценки вреди повеќе од 2 милијарди евра.

Накратко, визијата на Владата за целта и условите под кои ќе се врши продажба на државното земјоделско земјиште како и причините за истото се следни:

– „Мора да се продава државен имот, бидејќи нема простор за задолжување“ – став на Бесими,

– Обезбедување на 200 до 300 милиони евра од продажба на 20% од вкупните површини,

– Земјоделското земјиште во сопственост на државата, ќе можат да го купат физички и правни домашни лица, но и правни лица со странски капитал,

– Купувачот има обврска да го работи земјиштето, односно да отвори нови работни места,

– Земјиштето не смее да се преименува во градежно земјиште,

– Најголеми парцели ќе се продаваат низ Пелагонија и Овче Поле,

– Најмала површина која ќе може да се купи ќе биде 10 хектари.

И покрај тоа што Македонија има благопријатни природни услови за земјоделство, сепак, очигледно тоа, не само што не е приоритет на властите, туку истото е апсолутно занемарено. Резултатите од ваквата незаинтересираност и несериозност се повеќе од очигледни. Секоја година имаме нови разочарани земјоделци – производители, кои, и покрај нивниот труд и производство остануваат социјално загрозени категории.

Ние како политичка партија, во врска со предвидената продажба на државното земјоделското земјиште сметаме дека, во никој случај не е прифатлива политиката на отуѓување на земјоделското земјиште во приватни раце, особено не негова продажба на странски капитал. Единствената причина на Владата за најавената распродажба на земјиштето е обезбедување на финансиски средства, бидејќи тие со недомаќинското и коруптивно работење ја ограбија и презадолжија државата, и сега бараат нови извори на финанисии кои повторно ќе ги рапределат по приватни чепови.

Левица, државното земјоделско земјиште го смета за природен ресурс, кој го поседува оваа држава, заедно со сите други природни ресурси како: водата, шумите, рудните богатства. Следствено на тоа, овие ресурси му припаѓаат на народот кој живее овде.

Со отуѓувањето во приватни раце на земјоделското земјиште, државата се лишува од можноста за планско земјоделско производство, идни аграрни реформи, а се загрозува и производството на здрава храна за во иднина, бидејќи, питка вода и незагадена почва ќе бидат се’ повеќе реткост во иднина.

За крај, со најавена продажба на парцели со најмала површина од 10 хектари се исклучуваат ситните земјоделци, кои поседуваат мали земјоделски површини, со кои си обезбедуваат храна и материјални средства за живот. Тие како сиромашни не можат да си дозволат да купат површина од 10 хектари, и со тоа не можат да напреднат со земјоделско производство. Во овој случај купувачи ќе се јават само крупните и имотните земјопоседници, корпорации, странски компании, кои потоа ќе заработуваат од трудот на сиромашните земјоделски работници, изнајмувајќи им го земјиштето или вработувајќи ги на истото како аргати. Со оваа мерка ќе се создадат услови за воспоставување на нов феудален систем на големи земјопоседници, а ќе се уништат малите земјоделци поради неконкурентност. Тоа ќе допринесе за дополнителна миграција и уништување на селата.

Затоа застануваме во одбрана на земјоделците, селаните, и сметаме дека државата има обврска да ги заштити интересите на работниот народ, и да се спротивстави на појавата на тенденции на нов феудализам и експлоатација на земјоделците и работниците од страна на странски и домашни крупни капиталисти и земјопоседници.

Политичка партија Левица