Македонија
14. October 2020 - 21:44

Левица: Наставници вршат индоктринација инсистирајќи учениците да го користат името „Северна Македонија“

„Деновиве, до нас пристигнуваат реакции и поплаки од страна на родители во врска со зачестена, преизнасилена и агресивно наметнувачката употреба на името ‘Северна Македонија’ од страна на одделенски наставници на часовите со најмладите, како и корегирање и инсистирање истото име да го употребуваат и децата, односно учениците“, соопштуваат од Левица.

Според партијата, многу е веројатно дека наставниците се инструирани и дека им се врши притисок да инсистираат на употреба на државното име кое жителите на Македонија го отфрлија на противзаконскиот и нелегален референдум со бојкот на срамното и манипулативно прашање.

„Ваквото политичко насилство врз децата е монструозно“, велат од Левица. „Тоа не е ништо друго, туку образовна пропаганда која на вештачки начин се обидува да го наметне името кај најмладите и на таков начин да придонесе кон втемелување на историскиот ревизионизам и бришење на колективната меморија на Македонија и македонскиот народ.

Никој не смее да врши политичко влијание врз деца, а училиштата да ги користи за место за ширење политичка пропаганда. Дури и кога договорот во Преспа не би бил ништовен, односно, дури и ако истиот беше склучен и потпишан во склад со законите и испочитувани процедури на институциите, како и волјата на македонскиот народ, повторно не би имало основа за демонстрираниот изнуден ентузијазам на наставниците. Ваквото однесување претставува психолошка тортура, а и покажува дека властите на агресивен начин ги користат сите формални и неформални институции во обид на вештачката шовинистичка индоктринација“, се вели во соопштението.

Во него, Левица ги повикува наставниците и родителите активно да се спротивставуваат на ваквите обиди.

„Во услови на тортура од властите, граѓанска непослушност која служи да ја сузбие пропагандата е должност на сите нас, а особено на оние кои ги образуваат децата. Родителите апелираат дека децата треба да бидат оставени на мир и да се престане со притисок врз наставниците. Училиштата треба да понудат едукативни, а не пропагандно-манипулативни содржини“, додаваат од партијата.