Македонија
4. March 2021 - 19:00

Левица: Директорот Алексијоски манипулираше дека нема загадување во Охридско езеро

Ја информираме јавноста дека денес добивме одговор од Инспекторатот за животна средина во врска со претходно поднесената Иницијатива од наша страна за вршење вонреден инспекциски надзор поради загадување и уништување на животната средина, преку испуштање фекалии од колекторскиот систем во Охридското Езеро.

Во одговорот се констатира дека на одредени места постои загадување на животната средина и Охридското Езеро преку мешање на атмосферска вода со фекална отпадна вода, која се влева директно во водите на езерото, а воедно се посочува и намалена функционалност на колекторскиот систем.

Оваа констатирана ситуација во одговорот од Инспекторатот е во спротивност со тврдењата на директорот на Јавното претпријатие, Владимир Алексијоски, поставен од локалната власт на СДСМ, кој тврдеше дека наводно контролата покажала дека нема излевање на фекалии во водите на езерото, ниту дека нема големи отстапувања од функционирањето на колекторскиот систем.

Констатираната ситуација ја разобличува и локалната изборната програма на власта, во која пред граѓаните се обврзуваа и ветуваа навремено чистење на каналите, санација и ревитализација на колекторскиот систем стар четири децении, со цел заштита на Охридското езеро кое е пред губење на Унеско-статусот

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА