Македонија
21. јуни 2018 - 12:50

Летна акција за санирање на улиците во општина Гевгелија

Со асфалтирање на улицата „Гоце Делчев“ во Миравци денеска симболично стартуваше летната акција за изградба и уредување на улиците во општина Гевгелија.

Паралелно уште на неколку поголеми и помали улици во Гевгелија и населените места се извршуваат подготвителни работи за нивна изградба и реконструкција. Од Миравци механизацијата на 25 јуни ќе се префрли во Гевгелија, каде е планирано целосно санирање и асфалтирање на улиците „Мицо Шаренков“, „Гоце Делчев“ и „Петар Мусев“, а потоа ќе се пресели и во Негорци.

- Со оваа акција ќе бидат целосно изградени и асфалтирани најоштетните улици во градот Гевгелија и во поголемите населени места. Според програмата за уредување на локалните патишта и улици очекуваме до крајот на годината да бидат обновени сите дотраени улици во градот и во населените места, изјави градоначалникот Сашо Поцков.

Општина Гевгелија задачата им ја довери на фирмите „Жикол“ од Струмица и „Еуроинг“ од Гевгелија кои имаа најповолни понуди за изградба на новите улици.