Македонија
26. јуни 2018 - 15:18

Лешкоска: Со договорот македонскиот народ се претвара во нова вештачка нација

Зоран Коте Заев ја брише Македонија, македонската култура, традиција и историја, создавајќи нова творба со која што се негира континуитетот на македонската држава.

Зоран Заев и Никола Димитров се обврзаа пред Грција до темел да го сменат ликот на Македонците преку промена на Уставот на Република Македонија. Според член 4 став 1 од капитулантскиот Договор, се предвидува да биде отстрането се она што може да биде интерпретирано како иредентизам и основа за тврдења за македонски корени вон границите.

Главна цел на овој став е Преамбулата на Уставот на Република Македонија, каде стои „македонски народ и неговата вековна борба за национална и социјална слобода“. Преамбулата се повикува на Крушевската Република односно Илинден 1903 година и на Манифестот од АСНОМ, повторно на Илинден овој пат 1944.

Токму Илинден, грчката официјална политика го толкува како македонски иредентизам. Тоа јасно и гласно беше посочено кога Заев, нудејќи прифаќање име за севкупна употреба, предложи Илинденска Македонија, што веднаш беше отфрлено од Грција, со назнака дека е иредентистички предлог.

Преамбулата е основа на македонскиот Устав и е сублимат на создавањето на современа македонска држава. Заев преку неговата измена и тргањето на двата Илиндена, врз кои почива македонската државност, ги сече корените на македонскиот народ, неговата посебност, неговиот вековен стремеж за државност.

Во преамбулата стои: Тргнувајќи од историското, културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата ВЕКОВНА БОРБА за национална и социјална слобода и за создавање своја држава, а посебно од ДРЖАВНО-ПРАВНИТЕ ТРАДИЦИИ НА КРУШЕВСКАТА РЕПУБЛИКА И ИСТОРИСКИТЕ ОДЛУКИ НА АСНОМ.

Тоа и пречи на Грција. Тоа е побарано да се смени.

Зоран Заев и неговите соработници во спроведувањето на капитулацијата се обврзаа да ја променат преамбулата на Уставот. Измените во Уставот всушност значат измена на преамбулата. Се’ потоа во Уставот треба да биде согласно Преамбулата.

Зоран Заев и Никола Димитров згора на се, се откажуваат од секакво постоење на Македонци вон границите на Република Македонија. Измената на тој член 49 од Уставот на Република Македонија, значи уште едно бришење и откажување од македонската историја и македонската борба и непокор.

На тој начин македонскиот Устав ќе биде исчистен од Македонија, Македонците но и се што е македонско, како и од историскиот контекст на македонската борба за државност.

Со ова, Заев и Димитров македонскиот народ го претвораат во нова вештачка нација без минато, без корен, без никаква основа за државност. Република Македонија не смее да биде уништена. Република Македонија, Заев и Димитров сакаат да ја уништат. Заев, Димитров и капитулантската влада мора да заминат. Македонија мора да победи, Македонија ќе победи.