Македонија
27. May 2020 - 16:50

Лекарите збунети од одлуката на Комисијата, очекувале постепено олабавување на мерките

Разочараност од одлуките за драстичното намалување на рестриктивните мерки и страв од тоа што следува. Голем дел од медицинската фела не се согласува со наглото укинување на полицискиот час и отворањето на рестораните во услови кога од први мај досега постојано имаме по околу 20тина новодијагностицирани случаи на Ковид-19. Епидемиологот Розалинда Исјановска е со став дека олабавувањето на рестрикциите требало да биде постепено и во фази бидејќи целосната слобода што ја имаат сега граѓаните може многу брзо да го врати полицискиот час и карантинот.

-Требаше постепено и во фази како што најавуваа а не нагло. Верувајте, тоа е можно за во Шведска, Германија, за високо развиените земји, но Македонија си ја знаеме. Значи може да ни се врати како бумеранг. Нема зошто да се изненадиме, вели проф. Др. Розалинда Исјановска, епидемиолог.

Дека укинувањето може да ни се врати како бумеранг смета и доктор Ненад Лазаров кој секојдневно е активен на социјалните мрежи со постови за корона вирусот. Вели дека одлуката на Владата е избрзана и непотребна и во сето тоа гледа политичка позадина.

-Не ми е толку за полицискиот час колку што се форсираат од политички потреби избори. Како прво ние немаме направено скрининг на здравствениот кадар за да знаеме каква е состојбата во тој дел. Исто така ме загрижува и менталитетот и здравствената култура на нашиот народ дали е соодветен на нивото што го очекуваме. Ме плаши што секојдневно имаме по 20 тина новозаболени, вели др. Ненад Лазаров, матичен лекар.

Бидејќи одлуката веќе е донесена и по повеќе од два месеци народор доби неограничена слобода на движење, епидемиолозите со порака дека мора да се почитуваат заштитните мерки.

-Сега е на нас, почитување на мерките за превенција, миење на раце, одржување на дистанца, бидејќи ако не почотување многу брзо може да ни се врати и полицискиот час и други рестриктивни мерки, вели др. Исјановска.

На вчерашната прес конференција кога Владата ја соопшти одлуката за укинување на дел од рестриктивните мерки, им порачаа на граѓаните дека мора да научат да живеат со коронавирусот бидејќи тој нема да исчезне.