Македонија
14. March 2019 - 12:30

Лекарите заминуваат од прилепската болница

И покрај недостигот, лекарите заминуваат од прилепската болница, некои на клиниките во Скопје, некои во странство, а голем дел се веќе пред пензија. Болницата работи само со 65 специјалисти, а недостигаат уште 30 до 40 за нормално функционирање. Некои одделенија работат само со по 2-јца до 3-јца лекари. Директорот Богоески пак најави дека оваа есен на специјализација ќе заминат 15 лекари. Сега во март не заминал никој бидејќи предложените специјалности од минатата власт не биле соодветни со потребите на болницата. За ситуацијата ги обвини ВМРО-ДПМНЕ.

„Во период од 2013 до 2017 година се упатени на специјализација само 18 доктори, а особено да напоменам дека сегашниот координатор на општинското раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кога беше директор во 2016 и 2017 година, успеал да упати на специјализација само 5 доктори“, истакна Драган Богоески, директор на општа болница Прилеп.

Најнеопходно биле специјалисти по неурологија, ортопедија, анестезија и интерна медицина. Но наместо да се носат лекари еден хирург деновиве министерството за здравство го префрлило во ГОБ „8 сепетември“ во Скопје. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ го урнисува здравството.

„Иако пред да дојдат на власт СДС постојано критикуваа како тоа немало доктори, откога дојдоа на власт не упатија ниту еден доктор на специјализација. Незаинтересираноста на СДС за подобро здравство за прилепчани може за брзо време да доведе до затворање на прилепската болница или одделни одделенија“, изјави Влатко Петкоски, портпарол на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Но поради масовно иселување на лекарите, често пати нема ниту кој да се прати на специјализација.

„Моментално имам 15 доктори вработено сите ќе одат на специјализиација бидејќи ситуацијата е алармантна. Последниве 10 години знаете колква е одливот на општи лекари ? Треба да имаш некого па да пратиш на специјализација. Јас еве сега маки мачам да обезбедам лекари кои што прво ќе ги вработам, па после да ги пратам на специјализација. За годинава планираме да вработиме 10 лекари, дај Боже да ги има“, додаде директорот Богоески.

Доколку не се стопира иселувањето на лекарите во иднина би можело да се затворат цели одделенија во некои болници.