Македонија
22. October 2016 - 16:06

Лекарите задоволни од тендерот за изградба на нов клинички центар

Наместо по коцки и на отворено, пациентите ќе се транспортираат низ топли ходници. Со изградбата на новиот Клинички Центар ќе се реши проблемот со носењето на болните од една до друга клиника, смета претседателот  на Лекарската комора. Професорот Кочо Чакалароски сега е во пензија, но  добро се сеќава на моментите кога пациент од Нефрологија требало да го префрлат до  КАРИЛ, и се надева дека со најавата за поврзување на клиниките , неговите помлади колеги нема да се соочуваат со истиот проблем.

-Во една количка ќе го завиткате со целофан и кебе, па ќе го носите од хефрологија на хирургија на интензивна негаза да се интервенира па ќе го враќате назади тоа беше страшно. Вака сега се предвидуваат топли ходници. На тој начин транспортот и трескањето на свежо оперирани пациенти  ќе стане дел од историјата на македонското задравство, изјави проф.д-р  Кочо Чакалароски, претседател на Лекарска комора на Македонија.

Според првиот човек на фелата со изградбата на Новиот Клинички ќе се оствари долгогодишниот сон и на медицинските лица од кампусот “Мајка Тереза” да лекуваат во модерна здравствена институција. Значително ќе се подобри третманот на пациентите и ќе се овозможи побрза дијагностика.

-Се предвидуваат и вакум цевки на материјали за анализа преку кои се испракаат во лабораториите и таму стигнуваат за 10 до 15 секунди. Потоа веднаш се обработуваат  особено ако се работи за  ургентни болни бидејќи се предвидува и модерен Ургентен центар во новата зграда,  резултатот за кратко време стигнува кај докторот. А некогаш од добиениот резултат зависи брзината и ефикасноста на третманот, додаде професорот Чакалароски.

Според здравствените власти изборот на фирмата која ќе го гради новиот клинички центар ќе биде на 5 декември, почетокот на градежните работи се планирани за напролет. Треба да биде готов за 45 месеци. Се работи за капитална инвестиција која со опремата ќе чини околу 128 милиони евра.