Македонија
18. September 2019 - 16:41

Лекарите и медицинарите на предупредувачки протест бараат безбедност, ако не остануваат на улица наместо во ординација

Стоп за насилството врз здравствените работници или нема да има прегледи и болнички интервенции. Оваа предупредувачка порака ја упатија од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари како органзиатори на денешниот протест на белите мантили. Велат дека физичките напади минатата недела врз медицински лица ја прелеаа чашата и упатија конретни барања до надлежните - Професионално обезбедување,  полициски патроли и итно донесување на законот за докторска дејност.

-Не сме безбедни на работа, во двете најголеми родилишта во земјата нема еден човек обезбедување, дали е тоа нормално. Да има полициско обезбедување во ургентните центри и поголемите болници. Исто така да има и внатрешна контрола за нас вработените, бидејќи прифаќаме дека има проблем и кај нас во нашите редови“, изјави Ненад Лазаров од АСМЛ.

-Комплексен е проблемот, не даваме конкретен рок но мора да има решение, во спротивно ќе ги напуштиме работните места и нема да работиме, вели Божирад Кочоски од АСМЛ.

 24 часовно обезбедување и видео  надзор побараа и од Синдикатот на скопските клиники кои се придружија на протестот. Но им порачаа и на своите колеги да го почитуваат еитичкиот кодекс и нервозите и заморот да не ги изразуваат кон пациентите.

-Здравствените работници се со пациентите, не против нив., Но и пациентите да сватат дека не сме семоќни. Мора да имаме заштита и ние тоа го бараме веќе неколку години, изјави Горан Беговиќ, претседател на Синдикат на скопските клиники.

Во бел мантил на полчасовниот протест дојде и првиот човек во здравството. Министерот Филипче вели дека им дава поддршка на здравствените работници и најави професионално обезбедување за нивна заштита.

- – Со насилство не се решаваат работите. Сметам дека нема никаква логика да се крене рака кон здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Преземавме конкретни мерки со МВР, ќе има мобилна патрола во регионот на стра градска болница, каде се случуваат најголем број инциденти, но и други места каде се третираат голем број пациенти, изјави Венко Филипче., министер за здравство.

Освен во Скопје, протести за стоп на насилството врз здравствените работници имаше и пред поголемите болници и установи во внатрешноста.